Васко Нетковски / Васо е љубител на музиката откако знае за себе. Реткост е да се најде некој музички правец на кој не посветил барем некое време од животот во осознавање на истиот. Оттаму не сака да се врзува за само еден музички стил кој го презентира. Не треба да се изненадите ако еднаш чуете негов хаус сет, друг пат драм енд бејс, брејк бит, фанк, рап…
Во втората половина на 80-тите години доаѓа во допир со хип хоп културата кога се раѓа и неговата прва музичка љубов – рап музиката. Драм енд бејс, брејк бит, биг бит, трип хоп и, секако, џез музиката беа логична прогресија во неговата музичка опсесија. Тука се раѓа и желбата истата таа музика да ја презентира, аматерски.
Пресвртот се случи во втората половина на 90-тите години кога почна интензивно да навраќа во музичката продавница Масива, каде хаус и техно музиката му влегуваат под кожа, местото каде диџеите Песинџер и Дејан Тевдо го навлекоа на диџејство. Васо има голема заслуга за ослабените нерви на Песинџер поради толеранцијата која тој ја имаше слушајќи го Васо во обидите за бит мечинг, чекајќи конечно да го направи својот прв микс.
Крајот на 90-тите години го бележат почетокот на неговиот диџејски опус и од тогаш настапува низ Македонија и пошироко. Бројните настапи по клубовите и фестивалите во земјава и пошироко се заслужни да го дели пултот со најголемите имиња на светската електронска музичка сцена.
Покрај тоа што е познат по пуштање на електронска музика, последниве 4 години негова пасија е музиката на 45-ки односно 7 инчни плочи.
До денес има неколку флертови со радиоводителството, водењето клуб, веб страница, продукцијата. Поранешен член е на организацијата Фајрхаус Кру, а веќе една деценија член на организацијата Полукс.