Иако немала желба, ниту пак размислувала некогаш да го прави ова, Соња Исмаил активно пушта музика од 2006 година па наваму. Почнала од шега, на инсистирање на нејзин пријател, за журка по повод 1ви април. И никогаш не престанала. Не планира ниту да престане.
Музиката која што ја пушта, не би сакала да ја сместува во сериозни, уштиркани рамки или жанрови. Па така, ќе каже дека во една ноќ може да пушти музика на која ќе се “искршите” од играње, но и од плачење 🙂 Очекувајте и супер жестоко техно, полни басови од кои ќе ви се преврти утробата, но и диско за шизење, па и поп песни кои ќе ги пеете на цел глас, на негодување на дежурните “музички критичари”.
Сака кога подиумот се бранува и се радува кога луѓето насмеани танцуваат на музиката која им ја презентира.
Никогаш не припаѓала на некоја диџејска дружина или колектив, ниту пак била менаџирана од некој друг сем самата себе.
Пуштањето музика не е нејзината единствена идентитетска одредница. Соња Исмаил е магистерка по политичка филозофија и родови студии, долгогодишна новинарка во магазинот Форум и во музичкото радио Канал 103 и активно вклучена во граѓанскиот сектор и неформални граѓански иницијативи повеќе од 15 години. Веќе неколку години е дел од тимот на МКЦ.
Најмногу ја радува танцувањето со нејзината ќеркичка.