Горан Атанасовски, Robotek со музика започнува да се бави кон средината на 90-тите години движејќи се во рамките на амбиенталниот ло-фи елекроника и техно звукот близок до издавачката куќа Warp при што за компилацијата „Macedonia 999“ ја издава композицијата „Веселиот радиокасетофон“ која е негово официјално прво издание и на некој начин го одбележува овој негов првобитен креативен период. Подоцна се придвижува кон dance ориентирана комбинација на електро, тек хаус, синт вејв музиката, креирајќи свој препознатлив звук и го издава првиот албум за PMG Recordings, „Robotek“ во 2002 година како заокружување на овој нов музички сегмент во севкупното музичко творештво.
Во тој период започнува и неговата диџеј кариера во која тој музички се движи во рамките на електро звукот, тек хаус музиката и тогаш акутелната електроклеш музика, комбинирајќи ја со електро поп и техно од 80-ти, прогресив и транс. Следува вториот албум за PMG Recordings кој е комбинација на електро поп, ло-фи електроника, електро, тек хаус и колд вејв звукот, задржувајќи ја притоа оригиналноста и препознатливоста на неговата музика. Како диџеј гравитира кон почистиот денс звук составен од електро, тек хаус и техно каде се задржува долги години во таа рамка, притоа гравитирајќи полека кон она што денес се нарекува инди денс музика, каде што во моментов ја наоѓа својата главна музичка инспирација како диџеј. Години наназад пушта, а понекогаш настапува и во живо во сите клубови и фестивали низ Македонија и пошироко во регионот, со што ја одржува жива својата диџеј кариера. Во меѓувреме издава неколку EP изданија за PMG Recordings: „Italian Aerial lines“ (итало диско и инди денс ориентирано издание), „Plutonium Ep“ (каде се поместени техн транс песната – „Geiger Counter“ и ло-фи електро ремиксот на италијанската изведба од песната „Pocket Calculator“ на Kraftwerk насловена како „Mini Calcolatore“).
Потоа следи засега последното долгосвиречко издание во вид на албум – „Electric Dawn“ издаден во 2014 година за PMG Recordings – албум во кој има комбинација на олд скул рејв елементи, транс од 90-ти, прогресивен транс, тек транс, тек хаус, електро, ло-фи електроника, техно, па дури и колд вејв. Подоцна излегува сплит EP изданието со неговиот соработник Defect13_th насловено како „Telefax“ издадено за PMG Recordings (комбинација на електро и дип техно звук). Последното негово EP „RE: CYCLED“ е издадено во 2019 година за PMG Tanz Digital и е музичка комбинација блиска на инди денс, електро, брејк музиката. Еден период е член на групата PMG Kolektiv и како продуцент е присутен во нивните албуми „Rezonator“, „Friendly Fire“ и „Da4“.
Во 2014 година работи дел од музиката за филмот „SKOPJE REMIXED“, каде исто така е одговорен за звучниот дизајн и микс на филмот. Освен музика и диџеј-инг, Robotek работи и како звучен дизајнер и звучен инженер за повеќе филмски и телевизиски продукции при што имплементирајќи дел од таа нарација во неговата музичка продукција суптилно креативно го проширува својот музички израз. Како музичар има богата музичка продукција и голем број на неиздадени композиции и песни кои се дел од неговите ДИЏЕЈ сетови, како негов личен ексклузивитет. Од издадените синглови по компилации би ги издвоиле ремиксот на Bastion – „Mister Komplex“ заедно со Дора Бојановска и Љубомир Љупа Ангелов, како дел од компилацијата „Bastion Works & Reworks“ издание на PMG Recoprdings во 2007 година, каде учествува како продуцент во PMG Kolektiv составот, работејќи го ремиксот на песната „Hollywood од Bastion“.
Robotek
Музичар, Dj, звучен инжињер, звучен дизајнер