“Поетроника“ е поетско – музички проект на два извонредно талентирани уметници од нашата средина. Читачкиот (поетски) дел му припаѓа на бардот на современото македонско глумиште, фанатастичниот Оливер Митковски, кој суверено владее со својот длабок, сугестивен, комплетно лишен од патетика вокал. Музичкиот, е дело на еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот и безмерно надарен, Андреја Салпе. Неочекувана, но мошне благодарна комбинација, која ни дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор. Музиката на Андреја Салпе е високо квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла сосем ново светло на некои познати, но и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност.
