Роден 1972, Скопје.

Купува плочи и внимава на музика уште од ситните одделенија на основно училиште, што логично резултира со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти. Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, дивергентен музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки.

Првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 и од тогаш не престанува со настапи, имено 2-3 пати неделно. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда за човек. Од 2008 до 2010 е и главен и одговорен урeдник на Канал 103, во чија редакција седи и до ден денес.

Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995та од Мирко Попов (и Александар Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 90тите се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клубски дестинации.

Во 1998 ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со повеќе од 160 изданија.

Во 2011, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, го покренува лејблот ПатернПМГ, специјализиран за електронска денс музика.

2018та носи и посериозен ангажман во правец на џез музиката и почеток на нова дискографска куќа ПМГЏЕЗ, која досега има објавено 4 изданија.

Последните години на минатиот век ги донесоа и првите (хаус, техно и електро) продукции за него, за во 2003та сето тоа прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено 8 албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.

Дел е и од култниот бенд /проект Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе е.п. и два албума, како и обскурниот проект #МакедонидеКру.

Албум и концерти со водечкиот македонски џез состав Сетстат.

Има остварено повеќе улоги и во театарски претстави, како и на филм.

Потпишано неколку музики за театар и филм.

Режирано радио драма.

Сценарист и продуцент на документарниот филм “103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура”.

Како музички новинар пишува/л текстови во Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др.

И понатаму живее и работи во Скопје.

Mirko Popov

Животен и професионален век комплетно посветен на музиката: композитор, продуцент, лиричар, диск-џокеј, организатор на настани, издавач и директор на независната дискографска куќа ПМГ Рекордингс, со досега над 160 изданија на современа македонска музика.

Локација

Скопје

Жанр

,