Илина Ангеловска е присутна на музичката сцена како диџеј, прoмотер и радио водител уште од почетокот на 2000-та декада. Нејзиниот музички бекраунд во електронската музика доаѓа од многуте ноќи поминати на скопските подиуми, пред сè како интегрален дел од промотивните забави и мултимедијални настани на ПМГ колективот, уште од средината на 90-те.
Вистинска љубов кон винилот и диџејството се разви за време на нејзините магистерски студии по дизајн за театар и филм, на престижниот Ст. Мартин’с Колеџ во Лондон, во сезоната 2002/03. Во Лондон, Илина развива блиско пријателство со двајца исклучителни диџеи и воедно нејзини ментори во оваа професија, Џони Павлатос и Холи Ингелтон, кои се главни виновници да почне да го сфаќа диџејството како сериозна професија. Музички, овие години е под големо влијание на лондонската андерграунд клупска сцена, особено звукот кој орбитира околу тогаш многу влијателните Сваг Рекордс и Фоника, издавачки куќи и култни продавници за плочи кои имаат значителна улога кон градење на нејзиниот музички вкус.
Во следната деценија, назад во Скопје, Илина се потврдува како независен промотер, радио водител во легендарното алтернативно скопско радио Канал 103 и се етаблира како еден од најприсутните, интересни и свежи диџеи во Македонија. Следуваат безброј журки, тематски настани зачинети со посебен автентичен печат карактеристичен за Илина и нејзиниот уметничко-музички бекграунд. Креативните вечери како Видеодром во Сектор, Ремемембер Д Тајм во Хард Рок, Пинк Пантер и Фрозен во Тренд и култните вечери во Папаја, се само дел од нејзиниот идејно-промотивен и музички репертоар кои оставија неизбришлива трага врз историјата и влијанијата на скопската клупска сцена.
Со толку години искуство, нејзината агенда е сè уште полна, редовно е присутна на листите на речиси сите реномирани скопски клубови, како Епицентар, Минус1 и Станица 26. Има настапувано повеќе пати и надвор од државата, во Тирана, Белград, Солун, Лондон и Истанбул.
Нејзиниот музички стил опфаќа широк спектар на повеќе стилови како електро-диско, модерен есид хаус, тек-хаус и мелодично техно, а со својот неуморен карактер, постојано е во потрага по свежи и возбудливи нешта.