Пет години по затворањето, денс музиката сè уште тапка во место во обидот да се пронајде себеси. Владее некоја рамнодушна атмосфера. За да го вратиме оптимизмот, потребна е коренита промена во начинот на размислување, вели Ed Gillett.
Денс музиката отсекогаш во својата срж била утописка форма на уметност. Од потрагата по Promised Land на Joe Smooth во 1987 година, до компилацијата Letters to a Future Palestine од минатата година – повторно и повторно се враќаме на танцовиот подиум, привлечени од тој краткотраен блесок на некој поинаков, подобар свет. Но пред пет години, тој оптимизам беше ставен во мирување, кога Светската здравствена организација официјално ја прогласи пандемијата на Ковид-19. Половина деценија економски, политички и културни турбуленции оставија длабоки пукнатини во идеалите на клупската култура.
Да бидеме искрени – малкумина од нас навистина имаа шанса да го надминат периодот на пандемијата. Последниве пет години се обележани од еден од најголемите трансфери на ресурси од работничката класа кон ултра богатите, уште од појавата на капитализмот. Тоа само ја продлабочи економската нееднаквост и социјалната поделба – процеси што се одразија и на танцовиот подиум.
Додека врвот на индустријата за денс музика во голема мера уживаше во постпандемискиот бум, остатокот од заедницата се обидуваше да преживее држејќи се до системи изградени за свет што повеќе не постои.
Минатиот месец, еден фрустриран Инстаграм пост од промоторите Not Bad For A Girl од Манчестер откри дека дури и кога го продаваат клубот, едвај успеваат да се извлечат без загуба. Во Лос Анџелес, пак, квир колективот Another Castle изгуби над 4.000 долари на само еден настан во мал клуб. Секој месец слушаме за уште еден фестивал што мора да се откаже; за издавачки куќи што печатат винили знаејќи дека ќе изгубат пари; за артисти што заработуваат само ситни пари од стриминг платформи.
И покрај напредокот кој е за пофалба, во однос на историските грешки и општествената одговорност на клупската култура, изгледа дека сè уште одбиваме целосно да се соочиме со реалноста на оваа стагнација. Но мора да ја прифатиме доколку сакаме вистински да ѝ се спротивставиме. Зашто, каква полза има од клубови и фестивали ако луѓето што ги создаваат не можат да си ги платат сметките? Каков е тој електронски рај ако никој од нас не може да си дозволи да влезе? Нешто мора да се промени.
Во 2018 година, професорот по одржливост Џем Бендел го објави трудот Deep Adaptation, во кој тврдеше дека климатските промени се веќе неизбежни и дека ќе доведат до колапс на општеството во блиска иднина. Наместо да се обидуваме да го спречиме тоа, Бендел предлага да се прилагодиме: да најдеме отпорност во заедничките вредности што ќе преживеат и да се откажеме од она што повеќе не можеме да го носиме.
Се чини дека денс музиката е пред слична пресвртница. Ако економскиот модел на индустријата е скршен (барем за сите освен за суперѕвездите и корпорациите), тогаш обидите да се изгради нешто прогресивно врз тие темели се осудени на неуспех – вистинско утописко размислување. Порано или подоцна, ќе треба да ја сведеме денс музиката на нејзините основни елементи – заедничко сензорно искуство базирано на заедница, движење на телото и засилен звук – и да ја изградиме одново.
Ова значи да прифатиме и да жалиме за загубата на можности и искуства што ги цениме: кариери, физички простори и места за креативно изразување, без разлика дали тие сега постојат но не се одржливи, или никогаш нема да се остварат. Ако си клуб што едвај преживува, или диџеј што се потпира на седум кратки летови неделно за да го одржи својот распоред на европската турнеја, помислата да се откажеш од нешто за што си работел напорно сигурно е болна. Но тоа може да биде и ослободувачки: со предавање пред неизбежното, можеме искрено да се соочиме со него и да развиеме стратегии што заслужуваат вистински, траен оптимизам.
Бидејќи да бидеме премногу поучни за конкретни решенија веројатно нема да биде од помош, но ниту бесцелниот песимизам не е корисен. Најважно е дека денс музиката бара фундаментална промена во начинот на размислување: промена што еднакво се однесува на публиката, артистите, промоторите, клубовите, издавачките куќи, новинарите и сите други што се вложени во нејзиниот опстанок. Секој од нас треба да прифати дека работите не можат да продолжат како досега и дека колективна акција – каква и да е нејзината форма – е итно потребна.
На многу места, оваа промена во размислувањето веќе е започната. Последната деценија донесе позитивни чекори кон препознавање на политичкиот потенцијал на денс музиката и нејзината способност да ги руши социјалните бариери. Но, овие разговори мора да продолжат понатаму – надвор од диџеј пултот и танцовиот подиум, и да навлезат во просториите каде што се носат одлуки.
Како клупска публика, имаме моќ да влијаеме врз економијата на клупската култура преку по намерно и подисциплинирано однесување во однос на тоа каде го трошиме нашето време и пари. Кризата со трошоците за живот само ги влоши веќе постојните трендови во побарувачката – многумина, обидувајќи се да заштедат, се откажуваат од редовните саботни излегувања во локалните клубови и се насочуваат кон поретки, но поголеми журки на фестивали или далечни локации. Собирањето пари за голема програма можеби нуди повеќе „вредност за парите“, но истовремено ја ослабува самостојната средина на денс сцената и ги збогатува најкомерцијалните актери. Додека андеграунд организаторите се борат да опстанат или пропаѓаат, поголемите играчи ја заземаат нивната позиција и ја прошируваат својата доминација – создавајќи само-поттикнувачки циклус.
Со право жалиме за постојаниот пад на независните клупски простори, но ретко го поврзуваме тоа со сопствените навики и одлуки. Да се предизвикаме себеси да ги преиспитаме нашите приоритети како потрошувачи не е лесно – особено во време кога сите сме под финансиски притисок – но станува сè појасно дека единствената алтернатива е премногу ризична.
Индустријата за денс музика би имала корист доколку почне да се анализира себеси со истата сериозност. Во летото 2022 година, Dalston Superstore во источен Лондон објави договор за синдикално организирање со своите вработени – станувајќи прв квир клуб во главниот град што направил таков чекор. Организираниот труд и угостителската индустрија отсекогаш имале комплициран однос, особено во САД: кога еден квир клуб во Чикаго гласаше за формирање синдикат пролетта 2023 година, тој потег покрена низа настани што на крај доведоа до негово затворање шест месеци подоцна.
Праведниот третман на работниците е очигледен тест за наводно еднаквите принципи на денс музиката. Колку диџеи денес бараат гаранции дека луѓето кои служат пијалаци додека тие настапуваат се соодветно платени? Колкумина од нас купуваат влезници со тоа на ум? Колку пошироки промени би можеле да се случат ако почнеме така да размислуваме?
Промената на насоката не е лесна. Случајот со Aslice – платформа што нуди едноставна можност за поправедна распределба на приходите помеѓу диџеи и продуценти – покажа дека индустријата, како целина, не успеа да се мобилизира. Ако сакаме да опстанеме, мораме да прифатиме реална акција: позирање на интернет и половични мерки повеќе не се доволни.
Многу поединци, групи и заедници веќе го користат клубот како алатка за општествени промени – од иницијативи како Rave Reparations до колективи како Black Obsidian Sound System – но постои простор уште многумина од нас да се вклучат и направат повеќе. Ако си љубител на grime или drill, тоа може да значи да бидеш пред судот следниот пат кога полицијата ќе се обиде да криминализира текстови на песни. Можеби ќе се приклучиш на локална група за поддршка на бегалци, основана од луѓе кои во 90-тите организирале слободни журки. Без разлика по кој пат ќе тргне секој од нас, вистинската вредност на идеалите на клупската култура не лежи само во тоа како нè тераат да се чувствуваме, ниту во уметноста што ја поттикнуваат, туку во материјалните промени што можат да ги поттикнат во светот околу нас.
Ова се однесува и на нашата вклученост во системите на политичка моќ, како и на гласовите што ги избираме да ги застапуваат нашите интереси. Во изминатата деценија, концептот на „ноќна економија“ придонесе за добивање политичка поддршка за денс музиката. Но, кога таа дебата се води исклучиво низ економска призма и со почитување кон постојните политички норми, таа не може навистина да се справи со длабочината на проблемот. Сите „ноќни цареви“ на светот не можат да го спречат затворањето на клубовите, ако политичкиот систем во кој дејствуваат не е подготвен да го оспори самото статус-кво.
Во Обединетото Кралство, Асоцијацијата на ноќната индустрија (NTIA) направи многу добри работи, но истовремено постојано ги насочуваше своите напори кон оние на врвот. Кога првпат беше објавен карантинот, нивната прва реакција не беше да побараат поддршка за работниците или уметниците, туку да побараат одложување на хипотекарните обврски за корпоративните сопственици на објекти.
Во Берлин, градската Club Commission одговори на пандемијата со иницирање на United We Stream – платформа за стримувања во живо и собирање средства, која подоцна вклучи десетици градови и собра над 1,5 милиони евра. Иако иницијативата е за пофалба, таа сепак се потпираше на тоа фановите да ги отворат своите паричници, наместо да се справи со длабоките економски дисбаланси во самата индустрија – прв показател за нееднаквоста по Ковид што ја гледаме денес. Кога во јули 2021 година рејвери маршираа низ Лондон барајќи повторно отворање на ноќните клубови, недостатокот на стратешки барања, недостатокот на здружување со други активистички групи и отсуството на план за одржување на политичкиот моментум доведоа до тоа тој мобилизирачки момент да се потроши без долгорочно влијание.
Но, охрабрувачки е тоа што се појавуваат нови иницијативи. Free The Night, кампања со седиште во Северна Ирска, свесно одлучи воопшто да не зборува за „ноќна економија“, туку да се фокусира на „културата и заедниците во ноќта“ — мала, но значајна разлика што покажува суштински поинаков пристап. Ако сегашните политички претставници и индустриски лобисти на денс музиката немаат одговори, тогаш итноста на моментот треба да нè инспирира да најдеме нови.
А кога станува збор за самиот клуб, прифаќањето на принципите на Deep Adaptation најверојатно значи да ги преиспитаме овие простори низ поодлучно некомерцијална призма — со помалку фокус на индивидуалната фигура на диџејот, а повеќе внимание на споделеното искуство што го нуди електронската музика. Три децении по првите слободни журки во Велика Британија и појавата на техно фестивали низ Европа, нелегалната рејв сцена не покажува знаци на забавување, како што сведочи и неодамнешниот шестдневен мегарејв во Шпанија со 8.000 посетители.
Секако, нелиценцираните настани си носат свои компромиси, но како што традиционалните форми на клубска култура стануваат сè потешки за одржување, а социополитичките притисоци им отежнуваат на властите да се справат со сè, се појавуваат нови можности за создавање простори на радост — доказ дека искрата постои, и секогаш ќе постои. На крајот на краиштата, најдобрата журка на која бев лани не беше рејв, туку погреб – во организација на KLF и Sports Banger.
Подобрата иднина не значи нужно имитирање на некој веќе постоечки модел. Длабоките корени на денс музиката во искуствата на маргинализирани култури и заедници веќе нè потсетуваат дека има безброј примери на луѓе кои од нула граделе алтернативи на систем што не им служел — од журките Mamba Negra во Сао Паоло до колективот Exodus Collective во Лутон.
Наместо тоа, треба да се свртиме кон радикалните примери на оние што оделе пред нас. Со појасно усогласување на борбите на клупската култура со пошироките општествени предизвици, си даваме поголема шанса да ги спасиме и двете.
За некого, ваквиот начин на размислување можеби делува како див идеализам. Но јас би рекол дека тоа е само повторно усогласување со вистинската утопија што отсекогаш се криела во танцовиот подиум. Впрочем, истата културна апатија и политичка инертност што ја чувствуваме денес е она што ја направи денс музиката неопходна и возможна уште пред повеќе од 40 години. Танцовиот подиум секогаш процветува во времиња на пресврт и нестабилност – и сè уште е подеднакво важен. Прашањето не е дали ќе опстане, туку каков сакаме да биде тој во иднина – и што сме подготвени да направиме за да го изградиме најдоброто можно утре.
Надежта што ја носи тоа размислување вреди да се задржи. Пандемијата и нејзините последици можеби нè направија поуморни, пооддалечени и по нееднакви, но танцовиот подиум останува моќен простор за исцелување и учење – дури и ако треба да се откажеме од некои илузии за да стигнеме таму.
Прифаќањето на обновата може да ја трансформира екстатичната слобода на танцовиот подиум во нешто шокантно ново – циклусите на загуба и повторно поврзување можеби ќе бидат потрепетливо и поискрено искуство во 2025 година од пластичната, техноколорна спектакуларност на мејнстрим денс музиката. Хаос и создавање, затворање и повторна изградба, наплив што води до уште еден дроп – шемата станува позната, дури и утешна – штом ѝ се препуштиш.
Преведно од Resident Advisor
