јануари 15, 2021

Културата не смее да стане жртва на кризата!

Во атмосфера на песимизам, огорченост и теории на заговор, „Tерапија“ испраќа сигнали на надеж. Придружете нѝ се на ова аудио-визуелно патување, каде што музичката селекција на Илина Ангеловска комуницира со уметничките дела на Антони Мазневски изложени во Чифте Амам. Чифте Амам е културно историски споменик во самото јадро на Старата скопска чаршија кој датира од 15 век, а денес претставува уметничка галерија. Настапот, изборот на музика, светло и атмосфера ја почитува автентичноста на просторот и претставува суптилен спој на визуелната и клупската култура.

ИЛИНА АНГЕЛОВСКА

Илина Ангеловска е присутна на музичката сцена како диџеј, прoмотер и радио водител уште од почетокот на 2000-та декада. Нејзиниот музички бекраунд во електронската музика доаѓа од многуте ноќи поминати на скопските подиуми, пред сè како интегрален дел од промотивните забави и мултимедијални настани на ПМГ колективот, уште од средината на 90-те.

Нејзиниот музички стил опфаќа широк спектар на повеќе стилови како електро-диско, модерен есид хаус, тек-хаус и мелодично техно, а со својот неуморен карактер, постојано е во потрага по свежи и возбудливи нешта.

АНТОНИ МАЗНЕВСКИ

Роден во Скопје, 1963 година.
1991 – Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје
1995 – Студиски престој на Меѓународната летна Академија во Салцбург, Австрија
1997 – Учесник е во програмата ArtsLink во Њујорк, САД

Од 2003 година предава сликарство и цртеж на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Живее и работи во Скопје.

„КАКО ШТО Е“ е најновиот ликовен проект на уметникот Антони Мазневски.

Проектот „КАКО ШТО Е“ го афирмира интересот за космичката интеракција и можноста за нејзина реинтерпретација. Морфолошката слика илустрира геометриски ликовен ракопис, индивидуален метод, животен пулс.

Целта на изложбата е да се презентира неговата понова, седумгодишна продукција пред јавноста. Да се предочат неговите истражувања и усовршувања во полето на ликовната естетика, филозофската мисла, занаетските квалификации. Да се упати или повика ДРУГИОТ на разговор.

Линк до настанот: https://www.facebook.com/events/1299997727022648/